Претставата фантазија „Сонот на Вилијам“, работена според четири драми од британскиот великан Вилијам Шекспир, во режија на Кренаре Невзати-Кери, премиерно се игра вечерва во 19 часот во Театарот за деца и младинци.
Професорката на Факултетот за драмски уметности, која е и кореографка, ја направи адаптацијата за претставата според препевите и преводите на „Сон на летна ноќ“, „Ромео и Јулија“, „Магбет“ и „Хамлет“ од Богомил Ѓузел, Драги Михајловски и Георги Сталев.
„Потребата од комуникација помеѓу Шекспир и децата е неминовност. Соочувањето со него доаѓа порано или подоцна, но секако е неизбежно. Децата, несвесно, секојдневно се среќаваат со неговите современи живи ‘човечки реплики’ и животни ситуации, а нивната универзалност само ја потврдува надвременската мисла на Шекспир ‘Да се биде или не?‘“, вели режисерката.
Невзати-Кери додава дека со оглед на фактот што Шекспировото книжевно дело е безвремено и универзално, нема дилема дека и децата би знаеле да ги препознаат и да ги почувствуваат најсуптилните емоции и целата магија што ги нудат неговите ликови.
„Нашата водечка идеја беше децата да ‘пораснат’ преку претставата, а возрасните, макар за миг, да се вратат во детството“, рече таа.
Играат 12 актери: Бојан Кирковски, Катарина Илиевска-Силјановска, Симона Спировска, Мики Анчевски, Мартин Јорданоски, Марија Ѓорѓијовска, Бојан Лазаров, Наташа Петровиќ, Изабела Новотни, Ана Левајковиќ-Бошков, Емра Куртишов и Винета Дамческа-Мојаноска.
Користена е музика од времето на Шекспир, како и друга класична музика, со цел децата да се запознаат и со други големи композитори, како Моцарт, Верди и Мусоргски.
Костимите се на Барбара Цвејиќ-Рив, сценографијата на Невзати-Кери, а видео-анимацијата на Емил Петро.
По премиерата, следната изведба е наредната недела на „Битола Шекспир фестивалот“.
Театарот ја посветува премиерата на театарскиот критичар и театролог Иван Ивановски, кој почина минатата година.
Б. НЕСТОРОСКА