ЏОНИ ДЕП ОТКРИ КАКО ГО ПОТРОШИЛ БОГАТСТВОТО ОД 650 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Њујорк, (Харперс базар)

Џони Деп го откри вистинскиот обем на своето екстравагантно трошење во изминатите десетина години, што довело до тоа речиси да го изгуби богатството од 650 милиони долари.

„Навреда е да се каже дека сум потрошил 30.000 долари на вино. Затоа што беа многу повеќе“, се отвори Деп во интервјуто за „Ролинг стоун“.

Исто така, тој тврди дека во една прилика потрошил 108.000 долари на одела во Сингапур, со цел да ја ублажи болката од продажбата на куќата, во којашто неговата ќерка го поминала детството.

Деп призна и колку навистина потрошил за да ја испука од топ пепелта на писателот и негов пријател Хантер Томпсон.

„Тоа ме чинеше не три, туку пет милиони долари“.

Деп сè уште води правна битка со свои поранешни советници, кои ги обвини за своите финансиски проблеми и вели дека му должат 25 милиони долари за „ужасно лошото управување со неговите фондови“.

Еден од омилените холивудски актери е познат по неумерен животен стил: тој има потрошено 75 милиони долари на 14 куќи, поседува 45 луксузни автомобили, приватен авион и јахта и има 40-член личен персонал со полно работно време, кои годишно го чинат десет милиони долари.

„Тоа се мои пари. Ако сакам да купувам 15.000 памучни топки секој ден, тоа е моја работа“, изјави Деп.