Конкретни резултати во борбата против корупција и организиран криминал и реформи на разузнавачките служби и на јавната администрација се едни од главните предуслови Македонија во јуни наредната година да ги почне пристапните преговори со Европската Унија.
Ова е заклучокот од состанокот на Европскиот совет во Луксембург, откако оттаму беше дадено зелено светло Македонија и Албанија да добијат условно отворање на преговори за влез во ЕУ.
- Комесарот за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан, објави на Твитер дека Македонија во јуни 2019 година ќе ги почне пристапните преговори за членство во ЕУ.
- Европскиот совет објави дека претходно, Македонија мора да покаже конкретни резултати во неколку области.
- Од Македонија се бараат судски реформи, обвиненија и пресуди за случаи на корупција и организиран криминал, особено на највисоко ниво.
- Неопходни се реформи во разузнавачките и во безбедносните служби, како и во јавната администрација.
- Мора да се продолжи со расчистување на незаконските дела, откриени преку прислушуваните разговори и да се утврди одговорноста за нападот во Собранието на 27 април 2017.
- Македонија мора да покаже конкретни резултати во борбата со корупцијата.
- Европската комисија ќе го следи напредокот на реформите во Македонија.
- Конечната одлука за почнување преговори ќе ја дадат парламентите на земјите-членки на Унијата, а кон крајот на 2019 година би се одржала и првата Меѓувладина конференција.