Креаторката Клер Вајт Келер, уметничката директорка од „Живанши“, која стекна светска слава со дизајнирањето на венчаницата на Меган Маркл, му оддаде почит на основачот на модната куќа, Ибер д’ Живанши, со нејзината најнова колекција на висока мода. Ова е прва ревија на Келер по смртта на основачот Живанши во март годинава.
На првиот ден од Париската модна недела, ревијата на „Живанши“, која се одржа во градините на Националната архива во областа Маре, беше обвиткана со мистерија и со гламурот на стариот Холивуд.
Моделите се движеа на пистата придружувани од гласот на музата на Живанши, Одри Хепберн, додека ВИП-гостите уживаа со шампањ в рака.
Фустани со слоеви, обемен накит и со пердуви беа во фокусот на колекцијата на Вајт Келер, која дојде во март 2017 година, кратко време по напуштањето на ривалскиот бренд „Клои“, на чие чело помина шест години.
Палетата бои ја сочинуваа главно црната и белата.
Официјалната програма за Неделата на висока мода вклучува 35 ревии, со колекции од 11 земји: Белгија, Кина, Франција, Израел, Италија, Јапонија, Либан, Мароко, Холандија, Русија и САД.
Престижното признание „висока мода“ е одобрено од француското Министерство за индустрија, за да се признае традиционалното занаетчиство со рачно изработени, нарачани облеки со строги критериуми.
Само 14 модни куќи во моментов можат да се пофалат со признанието, меѓу кои и „Шанел“, „Кристијан Диор“, „Живанши“ и „Жан-Пол Готје“.