ОРИГИНАЛНИ МАКЕТИ И ЦРТЕЖИ ОД МАКЕДОНСКАТА АРХИТЕКТУРА ПРЕТСТАВЕНИ ВО МОМА ЊУЈОРК

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Оригиналната макета од конкурсниот проект за градскиот центар на Кензо Танге и неговиот тим, макетата од Културниот центар на Биро 71, како и бројни оригинални цртежи и дел од проектната документација на објекти од македонската архитектура синоќа беа претставени во Музејот на современата уметност (MоMA) во Њујорк, на изложбата „Кон бетонската утопија: Архитектурата во Југославија, 1948-1980“ .

Изложбата „Кон бетонската утопија: Архитектурата во Југославија, 1948-1980“ ќе трае до јануари 2019 година (Фото: Десков, Ивановска-Дескова и Ивановски)

Меѓу објектите кои се претставени се: Градскиот архив и Студентскиот дом „Гоце Делчев“ на архитект Георги Константиновски, Телекомуникацискиот центар на Јанко Константинов, Управата за хидрометеоролошки работи на Крсто Тодоровски, Музејот на Македонија на Мимоза Несторова-Томиќ и Кирил Муратовски, извадоци од проектната документација за Културниот центар на Биро 71 и Универзитетскиот комплекс. Покрај материјалот за Скопје, во делот во којшто се претставени спомениците од територијата на поранешна Југославија е презентиран оригинален материјал за споменикот Илинден во Крушево, на Искра и Јордан Грабул.

Оригинален материјал за споменикот Илинден во Крушево, на Искра и Јордан Грабул (Фото: Десков, Ивановска-Дескова и Ивановски)

Главен куратор на оваа прва голема американска презентација на делата создадени за време на 45-годишното постоење на земјата е швајцарскиот архитект Мартино Стиерли, кокуратор е Владимир Кулиќ, со Ана Катс како асистент-куратор.

МоМА покани десетина истражувачи од регионот, кои години наназад се занимаваат со собирање, истражување, толкување и вреднување на вредните архитектонски реализации и на нивната документација. Македонските архитекти Владимир Десков, Ана Ивановска-Дескова и Јован Ивановски беа членови на кураторското советодавно тело на истражувањето и изложбата.

Македонските архитекти Јован Ивановски, Ана Ивановска-Дескова и Владимир Десков

„Во рамките на изложбата поставена во МоМА, темата Скопје и неговата постземјотресна обнова заземаат значајно место, како во однос на обемот, така и во однос на позицијата во поставката. Катастрофата во Скопје во 1963 година, меѓународната солидарност и помошта по земјотресот, инволвирањето на ООН во координирање на процесот на обнова, како и улогата на Кензо Танге во планирањето на центарот на градот се наратив, кој е веќе делумно познат и интересен за меѓународната публика“, вели македонскиот тим.