„Игра на тронови“ ја предводи годинашната трка за Еми наградите, откако доби дури 22 номинации.
Седмата сезона, која беше емитувана лани, конкурира за најдобра драмска серија, а од големата актерска екипа се номинирани Питер Динклиџ, Лена Хиди, Дајана Риг и Николај Костер-Валдау.
Следни на листата се „Западен свет“ и „Сабота вечер во живо“, кои добија по 21 номинација.
„Западен свет“ ќе ѝ биде конкуренција на „Игра на тронови“ за најдобра драма, а номинирани се и актерите Ед Харис, Еван Рејчел Вуд, Џефри Рајт, Тенди Њутон и Џими Симпсон.
Стриминг платформата „Нетфликс“ има вкупно 112 номинации, следена од Ејч-Би-О со 108. Најголем адут на „Нетфликс“ е „Почудни нешта“ со 12 номинации, од кои и за најдобра драма.
Големи очекувања имаат и „Приказна на слугинката“ со 20 и „Атланта“ со 16 номинации.