По шест месеци во торбата на мајката Шикси, од пред неколку дена албино кенгурчето Арчибалд почна да шета низ живеалиштето во скопската Зоолошка градина.
Новиот жител на Зоолошката е од родот валади, како и останатите седум кенгури кои ги има во градината. ЗОО негувателката Билјана Дрнкова, која се грижи за кенгурите, вели дека ова не е прв случај на албинизам: мајката на Пикси, која е тетка на Арчибалд, била првото албино во Зоолошката.
„Албинизмот се појавува поради меѓусебно парење. Пожелно е да се донесат нови примероци, кои не се во крвно сродство. Албиното е деликатно за чување, за 50 отсто им е намален имунитетот, поради тоа се склони на болести и треба да им се обрне посебно внимание во негувањето“, вели Дрнкова.
Токму таа му го дала името Арчибалд на кенгурчето. Како што вели, била инспирирана од кралските игра во сериите „Игра на тронови“ „Тјудорс“ и „Викинзи“, па му смислила кралско име.
„Мајката може да го држи малото во торбата и до 12 месеци. Арчибалд првпат излезе после шест месеци и кога го видов, му дадов кралско име. Женките кенгури се бремени еден месец. Кога ќе го родат малечкото, тоа е колку харибо мече, неразвиено е и природата и инстинктот им наложуваат да се качат нагоре, па се закачуваат на една од цицките на мајката и додека не се развијат, не се откачуваат од неа. Сѐ уште е мало, па не се двои од мајката Шикси, постојано е покрај неа“, вели Билјана.
Кенгурите во Зоолошката се хранат со сено, трева, овес, пченка, јачмен, сезонско овошје и со зеленчук. Карактеристично е тоа што се алергични на глутен и на лактоза. Билјана вели дека Пикси ја одгледала на козјо млеко, оти кравјото можело да ја убие.
„Козјото млеко беше единствено да ја изгледам. Процесот беше мачен, но сатисфакцијата беше голема што ја изгледав. Во Австралија, биолози и нутриционисти направиле формула за кенгурите, но жално е што не може да се изнесе од државата, оти имаат вето“, вели негувателката Билјана.
Од Зоолошката градина апелираат до граѓаните кои ќе дојдат да го видат албино кенгурчето Арчи, но и останатите животни, да не им даваат храна, бидејќи тие имаат посебен режим на исхрана.
А. АНТЕВСКА