Бијонсе и Џеј-Зи се упатија кон Италија на одмор откако ја завршија заедничката турнеја, за да уживаат во луксузот на јахтата „Кисмет“, вредна 180 милиони долари.
Една од најмоќните двојки во музичката индустрија, која лани заработила 147 милиони долари, била забележана покрај брегот на Амалфи, на јахтата што е во сопственост на американскиот милијардер Шаид Кан, која, меѓу другото, има козметички салон и кино.
Пловилото долго 95 метри располага и со базен на неколку нивоа и со хелидром, што, истовремено, служи како кошаркарско игралиште.
Кан, кој на 16 години се преселил од Пакистан во САД, е сопственик и на англискиот фудбалски клуб Фулам и на НФЛ-тимот Џексонвил.
Внатрешноста на јахтата е осмислена од Рејмонд Ленгтон, наградуваниот дизајнер на суперјахти, додека надворешноста е дело на Еспен Оеино, дизајнер и поморски архитект.
„Како една од најголемите и најсофистицирани суперјахти што можат да се изнајмат, ‘Кисмет‘ е идеален избор за оние кои сакаат да искусат врвен луксузен одмор и да уживаат во најдоброто од дизајн и удобност“, се вели во описот на јахтата на сајтот „Јахт чартер флит“.