ЈОКО ОНО ЌЕ ИЗДАДЕ АЛБУМ НА 85 ГОДИНИ ЗА ДА ЈА ШИРИ ПОРАКАТА НА МИРОТ

Њујорк, (АФП)

Јоко Оно, вдовицата на Џон Ленон, објави дека ќе издаде нов албум на 85 години, сметајќи дека нејзините вечни мировни пораки му се потребни на светот во 2018.

Албумот насловен „Воена зона“ ќе излезе на 19 октомври и ќе содржи нови верзии на песни што таа ги напишала од 1970 година наваму, вклучувајќи ја и „Замисли“, своевидната пацифистичка химна.

„Светот е во хаос. Ситуацијата е тешка за сите. Но, не е доцна да се промени светот. Јоко ни треба сега повеќе од кога било“, изјави нејзиниот портпарол.

Јоко Оно вели дека „Воена зона“ не е нејзиниот проштален албум, бидејќи работи на уште еден. Албумот со 13 песни е продуциран од нејзиниот син Шон Оно Ленон и во прв план е гласот на Оно во раскажувачки стил.

Оно, која пораснала во Токио и Њујорк, стана значајна фигура во музичката авангарда и во мировните активности откако се запозна со Џон Ленон.