Претседателот на програмата на Ејч-Би-О, Кејси Блојс, конечно даде поконкретна информација околу емитувањето на последната, осма сезона од „Игра на тронови“, гостувајќи на еден медиумски настан во Беверли Хилс.

Запрашан кога можат да се очекуваат последните шест епизоди, Блојс потврди дека тие доаѓаат во првата половина на 2019 година.

„Нема да откривам што да очекувате, но можам да кажам дека е одлична“, изјави Блојс.

Многумина фанови предвидуваа дека финалето ќе се емитува следната пролет, имајќи го предвид временскиот тек на продукцијата. Претходните сезони на „Игра на тронови“ најчесто почнуваа во април, а исклучок беше седмата сезона, која имаше премиера во јули 2017 година.

Блојс откри и дека снимањето на новата серија која временски ѝ претходи на „Игра на тронови“ ќе почне следната година, за да се емитува во 2020. Иако во прв момент биле планирани пет вакви серии, други проекти засега се во мирување.