ПОЗНАТИ ЛИЧНОСТИ ВЕЌЕ 20 ГОДИНИ НАСЕДНУВААТ НА ФИНТИТЕ НА САША БАРОН КОЕН

Лос Анџелес, (Варп)

Саша Барон Коен веќе две децении преку свои измислени ликови мами и исмева политичари и јавни личности и ова повторно му успеа преку новата серија „Кој е Америка?“, во која неговата мета е конзервативниот дел на тамошната политичка сцена.

Во последната епизода, тој претставувајќи се како израелскиот експерт за безбедност Еран Морад направи интервју со Рој Мур, поранешен судија и несуден сенатор од Алабама, кој беше обвинет за сексуални злоупотреби, вклучувајќи и малолетнички. Коен врз него го примени таканаречениот детектор за педофили.

Ова уследи откако Коен успеа да го наговори конгресменот од Џорџија, Џејсон Спенсер, да си го покаже задникот со цел да уплаши терористи, по што поднесе оставка под притисок на јавноста.

Доналд Трамп гостуваше во шоуто на Али Џи пред 15 години

Од Али Џи, преку Борат и Бруно, па до ликовите што ги измисли за „Кој е Америка?“, британскиот комичар има посрамотено вкупно 67 славни личности, меѓу кои доминираат политичари.

  • Пред да стане претседател, Доналд Трамп гостуваше во шоуто на Али Џи во 2003 година. Тој тогаш му изнесе бизнис предлог на Трамп: ракавици кои ги одржуваат рацете топли додека јадете сладолед.
  • Баз Олдрин, вториот човек кој одел по Месечината, го праша дали луѓето некогаш ќе можат да одат по сонцето.
  • „Колку спајс девојки ве имаат одбиено пред да се свртите кон Пош“, го праша Дејвид Бекам, кој поцрвене и не успеа да одговори од срам.
  • Републиканецот Боб Бар со голема мака голтна парче сирење, за кое Борат му кажа дека е направено од млекото од градите од жена му.
  • Британскиот парламентарец Нил Хамилтон подели со Али Џи нешто што личеше на џоинт.