ЈАКНАТА НА ХАРИСОН ФОРД ОД „ВОЈНА НА ЅВЕЗДИТЕ“ ЌЕ СЕ ПРОДАВА ЗА МИЛИОН ФУНТИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Јакната што Харисон Форд ја носеше во филмот „Војна на ѕвездите: империјата го возвраќа ударот“ се очекува да достигне цена од еден милион фунти, на аукцијата што ќе се одржи следниот месец.

Таа е еден од 600-те предмети од разни филмови, што ќе бидат понудени на продажба во Лондон. Меѓу поинтересните предмети се и летечкиот скејтборд на Мајкл Џеј Фокс од „Враќање во минатото 2“, костимот на Џони Деп од „Едвард со рацете-ножици“ и камшикот на Индијана Џонс.

„Аукцијата ќе вклучи некои од најлегендарните филмски артефакти од нашето време“, објави аукциската куќа „Проп стор“.

Фановите на „Војна на ѕвездите“ ќе можат да наддаваат и за војнички шлем од „Нова надеж“, кој се очекува да достигне цена од 60.000 фунти, како и за светлосниот меч на Хејден Кристенсен од „Одмаздата на Сит“, за кој се предвидуваат понуди до 100.000 фунти.