НОВИОТ РОМАН НА МУРАКАМИ ОЦЕНЕТ ЗА НЕПРИСТОЕН ВО ХОНГ КОНГ

Хонг Конг, (АФП)

Новиот роман на најпродаваниот јапонски писател Харуки Мураками е оценет како „непристоен“ во Хонг Конг, предизвикувајќи реакции во градот, каде што се зголемува загриженоста дека сѐ повеќе се загрозува слободата на изразување.

Повеќе од 2.100 жители потпишаа онлајн петиција против овој потег, со кој романот „Килинг Комендаторе“ мора да има посебна обвивка со предупредување.

Романите и расказите на Мураками се преведени на над 50 јазици и продадени во милионски тиражи (Фото: Гардијан)

Петицијата вели дека одлуката „ќе донесе срам за луѓето од Хонг Конг”.

Според пресудата на Трибуналот за непристојни изданија на Хонг Конг, романот исто така не смее да се продава на малолетни лица. Казната за прекршување на одлуката е 1.270 долари и шест месеци затвор.

Мураками се најде во центарот на вниманието во 2014 година, кога им даде поддршка на младите демонстранти во масовните протести во Хонг Конг.

Пресудата за неговиот последен роман доаѓа откако библиотеките во Хонг Конг ги сместија детските книги со ЛГБТИ-тематика во затворени простории под притисок од конзервативните активисти.