„ЅВЕЗДЕНИ ПАТЕКИ 4“ ОСТАНА БЕЗ КРИС ПАЈН И КРИС ХЕМСВОРТ

Лос Анџелес, (Индипендент)

Четвртиот дел од новата генерација на „Ѕвездени патеки“ ќе остане без двајца главни машки актери, Крис Пајн и Крис Хемсворт.

Според „Холивуд рипортер“, тие не успеале да се договорат за хонорарот со „Парамаунт“ и „Скајденс медија“.

Останатите актери од екипата, како Зои Салдана, Закари Кинто, Карл Урбан, Џон Чо и Сајмон Пег, се очекува повторно да играат.

Пајн го играше капетанот Џејмс Кирк во три филма, од кои првите два ги режираше Џеј Џеј Абрамс. Ѕвездата на „Тор“, Хемсворт, требаше да го игра таткото на Кирк, откако ја играше таа улога во филмот од 2009 година.

Изворите на „Холивуд рипортер“ велат дека нивното заминување следи откако студиото одлучило да им ги намали хонорарите поради промените во буџетот, предизвикани од недоволно добриот пласман на третиот дел во кино-салите.

„Ѕвездени патеки: Од другата страна“ од 2016 година заработи 343 милиони долари низ светот, во споредба со „Ѕвездени патеки во мрак“ од 2013, кој заработи 467 милиони.