ЌЕ СЕ ЗАБАВУВАТЕ И СЛАБЕЕТЕ – ХАЛИ БЕРИ ГО ПРЕПОРАЧУВА БОКСОТ ЗА ФИТ ТЕЛО

Лос Анџелес, (Хелт)

Оскаровката Хали Бери откри кој спорт ѝ помага да го одржува телото во одлична форма речиси десетина години: боксот.

„Боксот сѐ уште се смета за една од најдобрите вежби за целото тело. Обликува секој мускул и ги топи калориите и мастите. Максимално го намалува стресот, ја развива координацијата на раката со окото и ги гради самодовербата и дисциплината“, напиша Бери на Инстаграм под фотографијата со тренерот Питер Ли Томас.

Покрај предностите, 52-годишната актерка вели дека нејзин омилен дел од боксувањето е постојаното учење.

„Боксувам изминативе 10 години, а интензивно последниве три. Уживам во тоа што учам нови начини да се предизвикам самата себеси и да направам нови мускули“, напиша таа.

Таа ги поттикнува сите кои сакаат да ја променат рутината на вежбање да пробаат да боксуваат.

„Ви ветувам дека во исто време ќе се забавувате, ќе го забрзате пулсот и ќе си го обликувате телото“, напиша глумицата на Инстаграм.