„БРАВО, МУЗИЧАРИ ОД МАКЕДОНИЈА“ – МЕДИУМИТЕ ВО КАЗАХСТАН ЗА КОНЦЕРТИТЕ НА КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР НА ФИЛХАРМОНИЈАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Браво, музичари од Македонија“ е насловот на сајтот „ДК њуз“ од Казахстан, по настапот на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија во Алмати.

Концертот, под диригентство на Борјан Цанев, се одржа во салата на Казахстанската филхармонија, по повод 27 години од воспоставуавњето на дипломатските односи помеѓу Македонија и Казахстан.

На првото гостување на Филхармонијата со Камерниот оркестар, музичарите изведоа дела од Моцарт, Вивалди, Пјацола, Григ и од македонскиот композитор Драган Шуплевски. Солист на концертот беше концерт-мајсторот Анна Кондратенко.

„Пријателска публика, незапирлив аплауз, топло гостопримство, сето ова зборува за одличната атмосфера. Подготвувајќи ја програмата, избравме дела на познати композитори. По жешкото лето, сметавме дека публиката ќе биде заинтересирана да ги слушне ‘Зима’ од циклусот на Вивалди и концертот на Пјацола, ‘Зима во Буенос Аирес’ , а одлучивме да претставиме и македонско дело“, изјави маестро Цанев за казахстанскиот медиум, кој го претстави како еден од најдобрите музичари.

Македонските музичари вечерва ќе настапат во Националниот универзитет во Астана.

Македонскиот амбасадор во Казахстан Илија Псалтиров најави дека в година, Македонската филхармонија со целиот состав ќе настапи во Казахстан.