ИЛОН МАСК ГО ПОКАЖА ВСЕЛЕНСКИОТ БРОД ШТО ЌЕ ЛЕТА НА МАРС

Сан Франциско, (Мешабл)

Пред да го соопшти името на мистериозниот патник кој ќе лета околу Месечината, Илон Маск објави нови фотографии од комерцијалното вселенско летало БФР на неговата компанија „СпејсЕкс“.

Сто и шест метри долгиот брод првпат беше најавен оваа година и Маск сега откри дека тој ќе има 40-ина кабини, што ќе можат да примат до 100 луѓе.

Засилувачот на БФР ќе има 31 рептор мотор, а самиот брод седум. Маск кажа и дека предното крило во близина на носот на бродот ќе се повлекува и шири по потреба.

Компанијата во четвртокот објави дека го добила првиот патник за лет околу Месечината. Маск не го откри неговиот идентитет, освен дека станува збор за Јапонец.

Првиот тест-лет на БФР е најавен за следната година, а првите луѓе на Марс би требало да ги испрати најрано во 2024 година.