КОЛУМБИЈА ГО ЗАТВОРИ МУЗЕЈОТ НА ПАБЛО ЕСКОБАР

Богота, (АФП)

Музејот во Меделин посветен на озлогласениот нарко-дилер Пабло Ескобар е затворен, соопштија локалните власти.

Музејот беше во сопственост на братот на Пабло, Роберто и беше доста популарен меѓу туристи, претставувајќи го ексцентричниот живот на „кралот на кокаинот“.

Музејот беше затворен во заедничка акција на градоначалникот, заменик-министерот за туризам и на колумбиската миграција. Тие рекоа дека музејот ги немал потребните авторски права за да нуди туристички услуги или да врши комерцијална дејност.

Во неофицијалниот музеј во луксузното место Лас Палмас, беа изложени коли и мотори што му припаѓале на нарко-босот, како и лажниот ѕид во кој се криел.

„Кога туристи доаѓаат во нашиот град и во нашата земја, не сакам да го оправдуваат криминалот, а уште помалку, да ги полнат со пари оние кои најмногу ѝ наштетија на земјата“, изјави градоначалникот Федерико Гутиерес Сулуага.

Роберто Ескобар, кој беше во затвор во раните 90-ти години, рече дека повторно ќе го отвори музејот штом ги собере потребните документи.

Според „Форбс“, Пабло Ескобар беше еден од најбогатите луѓе на светот. Тој беше убиен од колумбиската полиција во 1993 година.