Новозеландската премиерка Џесинда Ардерн го одржа својот прв говор во Обединетите нации во Њујорк и со себе го поведе и своето неодамна родено бебе. Таа со тоа стана првата светска лидерка која дошла на седница на Генералното собрание со детето.
Ардерн се играше со ќеркичката Нив Те Ароха пред да им се обрати на присутните, по што бебето го чуваше нејзиниот партнер Кларк Гејфорд.
„Бидејќи сѐ уште ја дојам Нив, ова беше практична одлука. Нив, всушност, е цело време покрај мене во Нов Зеланд“, изјави Ардерн, која е на шестдневно патување.
Таа кажа дека самата ги покрива трошоците за патувањето на нејзиниот партнер, бидејќи неговата примарна обврска е да се грижи за Нив.
Ардерн се врати на работа во почетокот на август, само шест недели откако се породи.
„Госпоѓа Ардерн покажува дека никој не е поквалификуван да ја претставува својата земја од вработена мајка. Само пет проценти од светските лидери се жени и затоа мора да им искажеме што подобро добредојде“, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дижарик.