Светски познатите цреши во Јапонија неочекувано процутеле оваа есен и се верува дека за тоа се виновни овосезонските тајфуни.
Препознатливите розово-бели цвеќиња се вообичаено видливи две недели во пролет, феномен што привлекува туристи од цел свет.
Но, оваа есен, повеќе од 300 луѓе пријавиле цутење на црешите во своето маало и експертите велат дека тоа веројатно се должи на серијата тајфуни кои го погодија регионот.
„Ова се случуваше и во минатото, но не се сеќавам дека имало во ваков обем“, изјави Хиројуки Вада од Јапонската цвеќарска асоцијација.
Тој појаснува дека лисјата на јапонските цреши испуштаат хормон, што ги спречува цветните пупки да растат. Но, оваа година, тајфуните предизвикаа дрвјата да ги загубат лисјата, што би можело да го објасни ова неочекувано цутење, покрај повисоките температури што уследија по невремето.
Вада додава дека ова, сепак, ќе има минимално влијание врз следната сезона на цутење.