ШТРУМФОВИ НАПОЛНИЈА 60 ГОДИНИ, ВО 2021 ГОДИНА ДОАЃААТ ВО 3-Д ТВ-СЕРИЈА

Брисел, (ДПА)

Мали се, сини и со бели чевли и нема генерација која не ги обожавала. Штрумфови, дело на Белгиецот Пјер Килифор алијас Пејо, денеска полнат 60 години.

Штрумфовите за првпат се појавиле на 23 октомври 1958 година во белгискиот стрип „Јохан и Пивит“. Подоцна добија анимирана серија, каде ги покажуваа нивните трикови и луди авантури. Денес, нема дете кое не знае за нив, и тоа не само во Европа, туку и во Кина, Индија, Русија и во Јужна Америка.

„Во секој случај, говориме за глобализација“, вели Вероник Килифор, ќерката на Пејо.

Таа и нејзините мајка и брат ја продолжиле работата на Пејо по неговата смрт во 1992 година. Вероник додава дека Штрумфовите носат годишна зaработувачка од една милијарда евра.

Првиот филм за нив, „Штрумфовите и волшебната флејта“, излезе во 1975 година. Во 80-ите години, дојде телевизиската серија со 270 епизоди, која освои голем број Еми награди.

Вероник Килифор се сеќава дека нејзиниот татко по цели денови работел на нови цртежи, сцени и приказни. Позната е анегдотата дека ги замолувал вработените во фирмата да клекнуваат во шума во близина и да го гледаат светот од перспективата на Штрумфовите.

Килифор најавува дека нова ТВ-серија ќе излезе во 2021 година и ќе биде во 3-Д анимација, како филмот „Штрумфови: скриеното село“ од 2017 година.