ОДИ КАКО МОНТИ ПАЈТОН – ХОЛАНДСКИ ГРАД ВОВЕДЕ ПЕШАЧКИ ПРЕМИН НА ОТКАЧЕНО ОДЕЊЕ

Ротердам, (Би-Би-Си)

Град во Холандија официјално отвори пешачки премин на откачено одење, во чест на легендарниот скеч на Монти Пајтон од 1970 година.

Градските власти на Спајкенисе, кој се наоѓа во близина на Ротердам, го заменија вообичаениот сообраќаен знак за пешачки премин со нов, на кој е исцртана силуета на маж со шапка и чанта и со крената нога во воздух, потсетувајќи на улогата на Џон Клиз како вработен во „Министерството за откачено одење“.

Идејата на градскиот совет му ја предложил еден локален жител, кој видел сличен знак во Шведска.

„Убаво е да се видат луѓето како ја поминуваат улицата со насмевка на лицето и се надеваме дека многу луѓе ќе прават така“, изјави градоначалникот Јан Вилем Мајнанс, по што и самиот го проба „откаченото одење“.

Преминот е еден од најпрометните во градот и Мајнанс кажа дека знакот ќе биде тргнат доколку прави проблеми за безбедноста.