ВИДЕОИГРА ВО ПРВИОТ ВИКЕНД ЗАРАБОТИ ПОВЕЌЕ ОД НАЈУСПЕШНИОТ ФИЛМ НА СИТЕ ВРЕМИЊА, „ОДМАЗДНИЦИ 3“

Њујорк, (Телеграф)

Видеоиграта сместена на Див Запад „Red Dead Redemption 2“ заработи неверојатни 725 милиони долари во првите три дена од продажбата, надминувајќи го дури и најуспешниот филм на сите времиња, објави нејзиниот издавач „Рокстар“.

Ова е второто најдобро отворање за видеоигра, откако „ГТА 5“, објавена во 2013 година, оствари заработка од една милијарда долари за ист период. Таа, во меѓувреме, стана најуспешниот производ на забавната индустрија на сите времиња, со заработени шест милијарди долари.

Објавена во петокот, првиот викенд на „Red Dead Redemption 2“ е подобар и од оној на „Одмаздници: војна на бесконечноста“, кој на премиерата заработи 640 милиони долари, што е најмногу досега. Разликата со „ГТА 5“ е што таа беше објавена во вторник.

Важејќи за најисчекувана видеоигра во последните неколку години, „Red Dead Redemption 2“ е приказна за група одметници кои се во бегство во последните денови од беззаконието во Америка кон крајот на 19. век. Добивајќи и одлични критики, се очекува нејзината заработка само да се зголемува во наредниот период.