ВРАТЕТЕ ГО ЏЕЈМС ГАН, СПАСЕТЕ ЈА ГАЛАКСИЈАТА, ПОБАРАА ФАНОВИТЕ ПРЕКУ БИЛБОРД

Лос Анџелес, (Холивуд рипортер)

Во близина на Дизниленд во Калифорнија е поставен билборд со натпис „Спасете ја Галаксијата: вратете го Џејмс Ган за третиот дел“.

Билбордот е платен преку интернет кампања, преку која минатиот месец биле собрани речиси 5.000 долари. Кампањата ја почнаа фановите, кои се организираа откако филмското студио „Дизни“ на 20 јули објави дека Ган нема да го режира третиот дел, кој ќе излезе во 2020 година, откако во јавноста излегоа негови стари твитови во коишто тој се шегува на теми како педофилија и силување.

Претходно, и актерската екипа побара од „Дизни“ да го врати Ган, но од компанијата неодамна изјавија дека нема да ја променат одлуката.

„Одлуката за Џејмс Ган беше донесена едногласно од продуцентите во студиото и јас ја поддржав, без и малку да се посомневам“, изјави генералниот директор на „Дизни“, Боб Ајгер.