ПРЕМИЕРА НА „ОСАМЕНИОТ ЗАПАД“ ВО РЕЖИЈА НА СПАСИЌ ВО КИНО КУЛТУРА

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Вечерва во 20 часот во Кино Култура, во продукција на Театарот на Навигаторот Цветко, ќе има премиера на претставата „Осамениот Запад“ според текстот на Мартин Мекдона, во режија на Јане Спасиќ.

Мекдона важи за еден од најдобрите автори на британската современа драма,а на пошироката јавност познат и по повеќе филмови како „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“. Кариерата ја започнува како драмски автор и прави бум во Лондон со двете трилогии за земјата од која потекнува, Ирска. Четири негови драми меѓу кои и „Осамениот запад“ се номинирани за најпрестижната театарска награда Тони. Тој е првиот драмски автор, по Шекспир, кому во Лондон истовремено му се изведуваат 5 драмски дела. „Осамениот запад“ е своевиден крај на неговата прва трилогија сместена во малото ирско гратче Линејн.

„Преку црн ирски хумор ‘Осамениот запад’ раскажува приказна за двајца браќа кои под влијание на околностите имаат особен начин на гледање на реалноста и спечифичен однос. Линејн е мало место кое морално ги корумпира своите жители, дури и Отецот/ Пасторот е немоќен да ги врати работите на прав пат. Единствената шанса е можеби во младата Грлин, но тоа останува да видиме“, вели Театарот на Навигаторот Цветко.

Играат: Оливер Митковски, Ненад Митевски, Драган Довлев и Матеа Јанковска. Сценографијата е на Енес Деари,а костимите на Бранкица Јордановска. Репризата е утревечер.