„ХАРЛИ-ДЕЈВИДСОН“ ГО ПОКАЖА СВОЈОТ ПРВ ЕЛЕКТРИЧЕН МОТОЦИКЛ

Милано, (Мотор1)

Америка наскоро ќе добие ново електрично возило, но тоа не доаѓа од легендарната тројка од Детроит или од новиот играч „Тесла“. Ова нема ни четири, туку две тркала и е развиен од култниот производител на мотоцикли, „Харли-Дејвидсон“.

Компанијата за првпат ги претстави плановите за проектот „лајвваер“ пред четири години и лани потврди дека тој оди во производство, а неговиот конечен изглед премиерно беше покажан на Саемот на мотоцикли ЕИЦМА во Милано, што се одржува до 11 ноември.

Финалните спецификации на мотоциклот допрва ќе бидат соопштени. Електричниот мотор ќе биде вграден под алуминиумската шасија и сила ќе му дава добро заштитена литиумска батерија, со сè уште непознат капацитет.

Кога ќе почне да се продава и по која цена, компанијата ќе објави во јануари, а првите модели треба да се појават на патиштата до 2022 година.