ВО ПОЖАРИТЕ ВО КАЛИФОРНИЈА ГОРАТ И ДОМОВИ НА ХОЛИВУДСКИ ЅВЕЗДИ, УНИШТЕН И СЕТОТ НА СЕРИЈАТА „ЗАПАДЕН СВЕТ“

Лос Анџелес, (Би-Би-Си / Вараети)

Актерот Џерард Батлер и пејачката Мајли Сајрус се меѓу славните личности чии домови изгореле во катастрофалните пожари во Калифорнија, во кои досега загинаа 31 лице, а над 200 луѓе се водат како исчезнати.

Батлер на Твитер објави фотографија од својот изгорен дом во Малибу, додавајќи дека половина од имотот е уништен.

Џерард Батлер пред својот уништен дом во Малибу (Фото: Твитер)

Сајрус и нејзиниот свршеник Лијам Хемсворт напишаа на Твитер дека се на сигурно, но затоа „нивната куќа ја нема веќе“.

Легендарниот музичар Нил Јанг исто така потврди дека неговиот дом е уништен и му порача на Доналд Трамп дека „вака изгледаат климатски промени“, а на евакуација биле принудени и Шер, Леди Гага, Ким Кардашијан и Кејтлин Џенер.

Во пожарите изгоре и легендарен филмски сет на студиото „Парамаунт“, кој во последно време беше препознатлив по серијата „Западен свет“. На оваа локација се снимаа сцените од главната улица.

„Ранчот на ‘Парамаунт‘ беше една од главните локации на кои се снимаа првите две сезони од ‘Западен свет‘. Серијата во моментов не е во продукција и областа беше евакуирана, па засега не го знаеме точниот обем на штетата“, објави Ејч-Би-О.

На овој ранч филмови почнале да се снимаат уште во 1927 година, а во поново време се користеше и за ТВ-серии.