ЗАМОК ВО ИТАЛИЈА СЕ ИЗНАЈМУВА ЗА ВЕНЧАВКИ ЗА 100 ЕВРА

Рим, (Си-Ен-Ен)

Дали некогаш сте сонувале да направите венчавка во замок? Сега можете да изнајмите еден за само 100 евра и целото место ќе биде само за вас.

Рокаскалења, средновековно гратче во дивиот централен регион Абруцо, ја изнајмува својата прекрасна тврдина за венчавки, коктел забави, родендени, годишнини и за други посебни настани по исклучително поволна цена. Градоначалникот Доменико Џанџордано се надева дека ова би можело да го живне неговиот сè попразен град.

„Ова е навистина ниска цена, како да оставате бакшиш. Нашата цел не е да заработиме пари, туку сакаме да ја искористиме оваа уникатна локација за да ја живнеме локалната економија со привлекување на елитна клиентела“, кажа Џанџордано.

Познат како „замок во небото“, замокот од 700 квадратни метри има капела за венчавки, кула идеална за вечерни коктел забави, а во некогашни зандани и соби за мачење денес можат да се организираат ручеци и бизнис состаноци.

„Замокот беше напуштен со векови, руина во која спиеле овци и кучиња, а видете го сега. Блеска“, додава Џанџордано.

Мал проблем е што нема пат до замокот, туку возилата мора да се остават на влезот во селото и гостите мора да се качат до него преку некогашна патека за магариња и стари камени скали.