МУЗЕЈОТ НА АНА ФРАНК НАДГРАДЕН СО ИСТОРИСКИ ПРИКАЗНИ ЗА ДА ПРИВЛЕКУВА МЛАДA ПУБЛИКА

Амстердам, (АП)

Музејот на Ана Франк во Амстердам, кој се наоѓа во тајниот стан во кој еврејското семејство Франк се криело од нацистите, деновиве заврши со реновирањето. Музејот цело време додека се реновираше беше отворен, но сега е надграден со неколку новини.

Малиот стан во кој Ана го пишувала нејзиниот дневник и кој станал музеј во 1960 година годишно привлекува околу 1,3 милиони туристи.

Извршниот директор на Музејот, Ронал Леополд, вели дека целта е „да се обезбедат повеќе информации за историскиот контекст и за заднината на приказната на Ана Франк“ (Фото: АП)

Реновирањето придонесе приказната за трагичната судбина на еврејската тинејџерка да се доближи до новата генерација посетители, кои можеби малку знаат за ужасите на Холокаустот. Извршниот директор на Музејот, Ронал Леополд, изјави дека целта е „да се обезбедат повеќе инфморации за историскиот контекст и за заднината на приказната за Ана Франк“.

Поставката е надградена со приказната за главниот град на Холандија под нацистичка окупација, како и со историјата на Европа погодена од нацистичкото владеење.

„Мислам дека празнината е можеби најмоќната слика на Куќата на Ана Франк”, вели директорот (Фото: АП)

Музејот сега има и аудиотура со извадоци од дневникот, семејни приказни и со историската перспектива.

„Сакавме да го зачуваме карактерот на домот, кој во најголема мера е неговата празнина. Мислам дека празнината е можеби најмоќната слика на Куќата на Ана Франк”, рече Леополд.