НАСА вечерва ќе се обиде да спушти уште една роботска сонда на Марс. По шест месеци лет, предвидено е „Инсајт“ да слета на рамна површина северно од екваторот на Марс, наречен Елисиум Планитија.
Таа со себе носи разни инструменти кои треба да ја испитаат внатрешната структура на овој карпест свет. Нема да се движи наоколу, туку ќе собира материјал од едно место.
Сигналот за безбедно слетување на „Инсајт“ треба да биде примен на Земјата околу 20.53 часот по македонско време, но како и при претходните мисии, таа мора да преживее „седум минути терор“, колку што поминува од влегувањето во атмосферата на Марс со хиперсонична брзина до застанувањето на површината.
„Многумина пробаа, малкумина успеаја. Одењето на Марс е многу, многу тешко. Шансите за успех се помали од 50%“, изјави главниот научник на НАСА, Томас Цурбихен.
„Инсајт“ содржи делови од сондата „Феникс“, која успешно слета на Марс во 2007 година.