ИНСТАЛАЦИЈА ОД ТРЊЕ ВО ВЕЛЕШКИОТ ЛИКОВЕН САЛОН

Велес, (СМАРТ.СДК.МК)

Во Ликовниот салон во Велес е отврена изложбата на дела од уметникот Атанас Атанасоски, насловена „Орнамент како пејзажен знак 18“. Изложбата е инсталација изработена од вегетација, трње, во која концептот се темели на минимализмот, математиката, геометријата, каде низ линии, форма, структура, боја, авторот ја бара естетиката на соживотот помеѓу човекот и природата.

„Во последно време, уметниците во светот ги користат овие природни материјални. Ние тука во Македонија изобилуваме со вегетација што два големи можности за моделирање на многу форми. Овие скулптури што ги изложив се изработени од трн, ветрогон. Тоа се топчести форми и кои ги откорнува ветрот и се тркалаат по полињата. Формата е недефинирана, апстрактна, користени се елементи со геометриски форми“, вели Атанасоски. Уметникот неодамна престојувал во Јужна Кореја каде работел со тамошни локални материјали.

„Ние тука во Македонија изобилуваме со вегетација што два големи можности за моделирање на многу форми“, вели Атаносски (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

 

„Изразувањето низ разновидни форми и облици на ликовното творештво подразбира ослободување од класичните стереотипи и следење на сопствената имагинација. Интересен е предизвикот уметникот да се сврти кон природата, кон растенијата, коивеќе го завршиле вегетативниот период и на посетителите им понуди свое уметничковидување, да ги трансферира во една хармонична естетика со надреални форми“, вели Елица Николова, виш кустос историчар при велешкиот музеј.

Атанасоски дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во 1987 година, во класата на Стефан Маневски. Завршил постдипломски студии на ФЛУ во Будимпешта, Унгарија, во 1995 година Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и на Студиото на млади ликовни уметници во Будимпешта.Работи како асистент истражувач во Институтот за старословенска култура во Прилеп. Имал изложби во Прилеп, Скопје, Битола, Будимпешта, Словенија, Австрија, Хрватска и во Бугарија.

П. ПЕЧКОВ