ВО НОРВЕШКА ЌЕ СЕ ГРАДИ ПРВИОТ ПОДВОДЕН РЕСТОРАН ВО ЕВРОПА

Норвешка, (Си-ен-ен)

Европа наскоро ќе го добие својот прв подводен ресторан, според проект на норвешки архитекти. Планот предвидува структура со 11 метри широк панорамски прозорец, и дизајниран е да биде дел од морската средина. Се очекува да биде завршен на почетокот на 2019 година, а градежните работи да почнат во февруари 2018 година, на најјужната точка на норвешкото крајбрежје.

Ресторанот е дизајниран од норвешката архитектонска фирма Снохета, позната по нејзината работа на Норвешката национална опера и балет, и на библиотеката Александрија во Египет. Наречен „Под“, ресторанот ќе стои на морското дно, пет метри под површината. Неговите дебели ѕидови се дизајнирани согласно променливите морски услови.

„Една од предностите на овој објект е во тоа како ја поврзува природата и земјата, и како може безбедно да се дојде од копното и на драматичен начин да се оди долу преку цевка во морето, и да се доживее она што вообичаено не може да се доживее“, вели Руне Грасал, главен архитект на проектот.

Посетителите можат да очекуваат три нивоа, а ќе има капацитет за 100 луѓе. Под влезот и кулоарите ќе има шампањ бар, за да се одбележи транзицијата меѓу крајбрежјето и океанот. Под нив ќе има трпезарија, со две долги маси и неколку помали, позиционирани пред голем акрилен прозорец, кој ќе биде висок 4 метри.
Грасал вели дека е битно луѓето да се чувствуваат сигурно и да не се чувствуваат клаустрофобично. За да го добијат овој дизајн тимот архитекти ги зеле предвид природните материјали и осветлувањето.

Грасал објаснува: „Ќе биде возбудливо доживување, но луѓето исто така треба да се чувствуваат безбедно и добро кога ќе седат овде долу“.

Дизајнот е воден со идејата за зачувување на животната средина, и личи на груба бетонска школка во морето. Надвор од работното време на ресторанот, објектот ќе се користи како истражувачки центар за морска биологија.