Светскиот кулинарски џет сет наредниве денови ќе престојува во Струмица и ќе се натпреварува во готвење топло и ладно јадење, пици и израбока на фигури од овошје и зеленчук, на вториот меѓународен гастрономски натпревар. Околу 300 готвачи од Португалија, Русија, Италија, Чешка, Велика Британија, Полска, САД, Канада, Србија, Словенија, Израел, Бугарија, Турција, Хрватска, Азербејџан, Романија, Пакистан, Грција, Албанија, Кипар, Исланд, Украина, Монголија, Босна и Херцеговина, Индија и Македонија ќе ги презентираат своите кулинарски вештини под мотото „Залче од светските вкусови“.

„Ја имаме честа со нас да се повеќе великани во светската гастрономијата, вистински гастрономски гуруа, од Канада до Русија, од Исланд до Кипар. И по обемот и по квалитетот на имињата кои што нешто значат во светот на гастрономијата, овој настан е најголемиот кога било одржан кулинарски натпревар не само во нашата земја, туку и во поширокиот регион“, кажа Адријана Алачки, претседателка на ГастроМак.

Манифестацијата ќе биде од отворен карактер, така што сите заинтересирани ќе можат да ѕирнат зад готвачките боксови како се готват јадењата и десертите, но и да ги вкусат.  Исто така, посетителите ќе можат да уживаат и во презентациите, дегустациите и другата програма што ја имаат подготвено ГастроМак и партнерите за време на сите денови на настанот.

В. ТРАЈКОВ