„Вечер на гломазна поезија“ е насловот на перформансот со кој прославениот црногорски музичар Рамбо Амадеус вечерва ќе се претстави во Скопје, во рамките на 20. издание на фестивалот Таксират.
За разлика од неговите многубројни досегашни настапи во Македонија, ова нема да биде концерт, туку театарско-сценски перформанс, односно стенд ап трагикомедија, како што самиот Рамбо го нарекува. Рамбо ќе ја рецитира својата поезија во кино Фросина, во придружба на клавиристот Иван Алексијевиќ-Панчевац.
По вчерашниот настап на македонскиот рапер Страјк, ова е вториот одамна распродаден настан од Таксират 20, но утре ќе има втора шанса да се слушне Рамбо во ова издание, бидејќи поради голем интерес, е закажана уште една претстава на исто место.
„Македонската публика за првпат ќе има можност да ужива во театарско-сценската програма со трагикомична содржина, која претставува комбинација на неговите експресивни, метафорични, духовити и саркастични поезија, проза и филозофија, со која тој веќе неколку години гостува ширум регионот и Европа“, велат од „Таксират“.
Настанот почнува во 20.30 часот.