Првиот македонски мјузикл во кој играат деца, „Земја во која не се стигнува“, премиерно ќе се изведе денеска во 19 часот во Театарот за деца и младиници. Режисерка е Виолета Џолева, која ја направи адаптацијата според музика и текст на Александар Џамбазов и Оливера Николова, изведени пред 55 години во форма на детска радиодрама.
Музички продуцент е Александар Митевски, а новите аранжмани на 15-те песни ги направи Дамир Имери.
Во претставата играат Драган Спасов-Дац, Катарина Илиевска-Силјановска и Мартин Јорданоски, како и 15 деца кои беа одбрани на аудиција од 130 пријавени: Јован Петровски, Лука и Петар Златкови, Михаил Николовски, Александар Грчев, Јован Дукмеџиев, Ена Исмаили, Ема Ќулавкова, Марија Јанчевска, Мања Митевска, Луна Бејков, Јелопи Седеу Нишевиќ, Лара Трпчевска, Лена Катја Илиевска, Ирина Давидовска, Неда Димкова и Ангела Алексовска.
„Идејата да направам прв македонски мјузикл за деца во кој ќе играат, пеат и ќе глумат деца ја носам одамна. Јас бев тоа дете кое пееше, глумеше и, на некој начин, танцуваше. Со мјузиклот сакам да им се заблагодарам токму на тие луѓе кои влијаеле на моето детство и на создавањето на мојата личност, Џамбазов и Николова“, вели режисерката.
Костимите се на Елена Дончева, кореографијата е на Кренаре Невзати-Кери, драматург на мјузиклот е Маја Стефановиќ, а видеопроекцијата и анимацијата се на Емил Петро.
Б. НЕСТОРОСКА