Академијата за филмска уметност и наука гради музеј во Лос Анџелес, кој треба да се отвори на крајот на 2019 година.
„Сакаме да ја пренесеме емотивната и магична моќ на филмот. Сакаме и да погледнеме зад платното. Да поминеме низ екранот за да видиме како се прават филмовите и како еволуирале“, вели директорот на музејот Кери Бругер.
Дизајниран од италијанскиот архитект Ренцо Пијано, музејот од речиси 400 милиони долари ќе биде сместен во стара историска зграда. На шест спрата и на површина од 27.870 квадратни метри, ќе има изложбени простори, продавница и киносала со 1.000 седишта. Меѓу првите најавени изложби е поставката „Волшебникот од Оз“.
„Музејот ќе биде комбинација од Лувр, МоМа и Ермитаж“, изјави неодамна актерот Том Хенкс, кој заедно со Анет Бенинг и Лора Дерн, е вклучен во работата за поставките.
„Покрај извонредната галерија, посетителите ќе можат да ја почувствуваат магијата на самиот филм преку истражување на процесот на работа, без разлика дали се тоа визуелните ефекти, костимите или шминката“, вели Дебора Хоровиц, заменик-директор за креативната поставка на музејот.