СО ПРЕДАВАЊЕ НА НИКОС ЧАУСИДИС, ВЕЧЕРВА СЕ ЗАТВОРА ИЗЛОЖБАТА „ДУХОВИТЕ НА АФРИКА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Изложбата „Духовите на Африка“, која траеше два месеци и за која од Музеј на Македонија велат дека е една од нивните најуспешни досега, денеска се затвора со предавање и презентација.

Во 20 часот, професорот Никос Чаусидис ќе го одржи предавањето „Африкански елементи во културното наследство на Балканот“, во кое ќе ги нагласи митските и симболичките елементи поврзани со Африка, а кои се присутни на балканското поднебје.

По предавањето, Пенелопа Стаматоска од „ВР-порт“ ќе го презентира 3-Д моделот на „Духовите на Африка“, кој ќе овозможи виртуелна прошетка низ изложбата дури и откако ќе биде затворена.

„Духовите на Африка“ беше прва изложба на африкански експонати  во Македонија, како иницијатива на археологот и историчар на уметност Гоце Наумов. Изложените дела се дел од збирката на Музејот на африканска уметност во Белград, кој во својата обемна колекција има предмети од повеќе народи од Африка, а датираат од средината на 20. век.

Според Наумов, предметите се главно од Мали, Буркина Фасо, Гана, Брегот на Слоновата Коска и Гвинеја и се поврзани со култовите на плодноста и предците, како и со обредите за иницијација и погребување.

Изложбата се организираше во партнерство со Скопскиот џез фестивал .