ЊУЈОРШКИ УНИВЕРЗИТЕТ МУ ДОДЕЛИ ДИПЛОМА НА КУЧЕТО КОЕ Ѝ ПОМАГАШЕ НА СТУДЕНТКА ВО КОЛИЧКА

Њујорк, (АП)
Graduates and family members participate in the 2018 December Recognition Ceremony on campus, December 15, 2018. (CU Photo by Steve Jacobs)

Универзитет од Њујорк му додели почесна диплома на кучето кое со години придружуваше студентка на предавањата и секојдневно ѝ асистираше.

Бордот на универзитетот Кларксон одлучи да го награди четиригодишниот златен ретривер Грифин, истакнувајќи дека „демонстрирал исклучителен труд и цврста посветеност за доброто и успехот на Британи Хоули“.

„Од прв ден се трудев и тој да добие диплома. Тој правеше сѐ што правев и јас“, изјави 25-годишната Хоули.

И Британи и Грифин сега имаат диплома по работна терапија (Фото: АП)

Хоули е во количка поради состојба наречена синдром на комплексна регионална болка, што ѝ била дијагностицирана на 16-годишна возраст. Истиот ден кога се запишала на факултет, таа го добила кучето преку една непрофитна организација.

„Тој е трениран да ми помага за разни работи: да крева предмети кога ќе ми паднат, знае да отвори фрижидер, да извади работи од него, да вклучи светло, да ми донесе мобилен телефон. Но, уште поважно, тој ми помага да се смирам кога поради сериозна болка, ќе се почувствувам депресивно и вознемирено“, вели Хоули.

И Британи и Грифин сега имаат диплома по работна терапија.

„Покрај Грифин се чувствував понезависно и подруштвено. Тој ми беше голема мотивација и затоа сметав дека и тој заслужува диплома“, додаде Британи.