Вечерва од 19.30 часот, во Велешки театар ќе се одржи Гала новогодишен концерт со оперски солисти од Македонската опера и балет (МОБ). Операта последен пат гостувала во Велес во 2005 година.
На сцената ќе има 70 уметници од МОБ, од кои седум првенци на Операта и 53 членови на оркестарот. Ќе настапат Весна Ѓиноска-Илкова, Славица Петровска-Галиќ, Зоран Сотиров, Ристе Велков, Ана Ројдева-Талевска, Наде Талевска и Ѓорѓи Цуцковски. Ќе диригира Иван Еминовиќ.
Тие за велешката публика, самостојно и во дует, ќе изведат арии од најпопуларните светски оперски дела: „Кармен“ од Жорж Бизе, „Риголето“ и „Травијата“ од Џузепе Верди, „Мадам Батерфлај“ и „Турандот“ од Џакомо Пучини, „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини, „Ромео и Јулија“ од Шарл Гуно и „Хофманови приказни“ од Жак Офенбах.
Влезот е бесплатен.
П. ПЕЧКОВ