АМЕРИКАНЕЦ СТАНА ПРВ ЧОВЕК КОЈ САМ ГО ПРОПЕШАЧИЛ АНТАРКТИК, ЗА 54 ДЕНА ПОМИНАЛ 1.500 КМ

Портланд, (АП)

Триесет и тригодишен Американец стана прв човек кој сам го поминал Антарктик, подвиг за кој му требаа 54 дена.

Влечејќи санка од 170 килограми, Колин О‘Брејди од Портланд го почнал своето патување на 3 ноември и на својата авантура на најстудениот континент поминал 1.482 километри.

О‘Брејди целото патување го документирал на социјалните мрежи (Фото: Инстаграм)

„Успеав“, рекол О‘Брејди, кога му се јавил на своето семејство за Божиќ.

„Тоа беше многу емотивен повик. Тој беше преплавен со љубов и благодарност кога ни се јави“, изјави неговата сопруга Џена Бесоу.

Минувајќи низ некои од најекстремните околности на Земјата, О‘Брејди го документираше целото патување за да можат неговите семејство, пријатели и фанови да го следат преку интернет.

Тој стигна на целта пред британскиот воен капетан Луис Рад, со кого заедно ја почнаа трката низ ледениот континент. Пред две години, при ваков подвиг загина британскиот истражувач Хенри Ворсли.

„Иако последните 32 часа беа едни од најпредизвикувачките во мојот живот, тоа во исто време беа и едни од најдобрите моменти што сум ги искусил“, напиша О‘Брејди на Инстаграм, откако последните 129 километри ги поминал во еден обид.