За пазарот на електрични луксузни и теренски возила, ланската премиера на „јагуар И-пејс“ беше само почеток. Почнувајќи од оваа година, „Јагуар“ ќе добие силна конкуренција од брендови како „Ауди“, „Мерцедес-Бенц“, „БМВ“ и „Порше“, но и од „Тесла“.
Теренецот на „Ауди“, „Е-трон“, беше откриен во септември и со почетна цена од 75.000 долари, компанијата веќе има добиено илјада нарачки. Електричната понуда на „Ауди“ ќе ги вклучи и „Е-трон ГТ“ и „Е-трон спортбек“, кои влегуваат во производство оваа година, исто како и првиот електричен СУВ на „Мерцедес“, „EQC“, кој беше претставен лани.
Првиот целосно електричен автомобил на „Порше“, „тајкан“, ќе почне да се произведува кон крајот на годината. Со јачина од 600 коњски сили и со забрзување до 100 километри на час за само 3,5 секунди, тоа ќе биде најбрзиот електричен автомобил на пазарот.
„БМВ“ направи промоција на својот прв електричен теренец во товарен авион, запирајќи во неколку градови низ светот, но „vision iNext“ ќе почне да се продава дури во 2021 година. Претходно, во 2020, треба да се појави кросоверот „iX3“. Тој ќе се прави во Кина, но е наменет за глобалниот пазар.
„Мини“ нешто порано ќе го претстави своето прво електрично возило, но засега нема многу информации за него, ниту е покажан. Од компанијата кажаа дека ќе почне да се продава следната година.