Доналд Трамп организираше гозба со брза храна во Белата куќа, обвинувајќи го делумното затворање на владата што ја нема на располагање службата за кетеринг.
Тој одржа прием за шампионите од националното фудбалско колеџ првенство Клемсон тајгерс и притоа ги почести со повеќе од 300 бургери, како и со пици и помфрит.
„Поради затворањето, ние излеговме надвор и нарачавме американска брза храна, што јас ја платив“, им појасни Трамп на новинарите.
Владата е блокирана рекордни 25 дена, колку што 800.000 федерални работници се без плата, а тоа погоди и дел од службениците во Белата куќа. Трамп се закани дека владата ќе остане затворена сѐ додека не добие 5,7 милијарди долари за изградба на ѕид долж мексиканската граница.
„Имаме пици, имаме 300 хамбургери, многу, многу компирчиња, сѐ од нашата омилена храна. Сакам да видам колку ќе остане кога ќе си заминеме и мислам дека нема да остане многу“, кажа Трамп, додавајќи дека сака секаква американска брза храна.
Не е позната сметката што ја платил Трамп, но тој кажа дека не сакал да го откаже приемот поради затворањето на владата.