Вечерва во 20 часот, во галеријата „Акантус“ во скопско Дебар Маало ќе се отвори изложбата „Емоции за еден град“ на дизајнерот Горан Костовски-Инд.о.г. Изложбата опфаќа илустрации што се цртани во периодот од 2014 до 2017 година.
„Илустрациите се инспирирани од реални ситуации од секојдневието и го коментираат загадувањето на воздухот во Скопје со ПМ10 честички, кое во изминатите десет години е од два до четири и пол пати повисоко од граничните вредности пропишани од ЕУ за квалитет на воздухот“, вели Костовски, кој работи како уметнички директор, дизајнер и видеоуметник.
Изложува од 1998 и досега учествувал во повеќе самостојни и групни презентации и видеоперформанси во Скопје, Париз, Амстердам, Берлин и Целје.