НА КАФЕ И ТОРТА СО БУФОВИ И ЗМИИ ВО ТОКИО

Токио, (ДПА)

Луѓето кои живеат во град многу ретко стапуваат во контакт со животни како буфови или змии.

Но, во кафулињата со животни во Токио желбата да бидеме поблиску до природата може многу лесно да се исполни. Јапонецот Мотохиро Мицухара отвори едно такво кафуле, „Кафе Хут Хут“ во Токио, кадешто луѓето можат да пијат кафе или да јадат торта додека галат буфови.

„Нашите гости најмногу сакаат да се сликаат за Инстаграм“, вели Мицухара, кој има седум буфови.

Тој објаснува дека околу половина од гостите се странци, а најмногу се од Европа и Америка.

„Сигурно во нивните држави немаат можност да видат буф од толку блиску. Но, во Јапонија не е проблем тие да се држат во вакви места“.

Во Токио има најмалку 20 кафулиња со животни и тие стануваат сѐ поголем тренд низ цела Јапонија. Таму можат да се видат зајаци, мачки, кучиња, а во последно време и ежови. Речиси во сите станови под кирија во Јапонија миленичињата се строго забранети, а освен тоа, Јапонците, едноставно, немаат време за нив.

Од Центарот за правата на животните во Токио велат дека добиле жалби од луѓето, кои тврдат дека животните во вакви кафулиња не се добро третирани.

„Тие мислат дека сме ги украле од шума. Но, овие буфови се израснати како миленичиња и не би преживеале во дивина“, вели Мицухиро.