„ДИП ПАРПЛ“ ПОДГОТВУВААТ НОВ АЛБУМ

Лондон, (НМЕ)

Легендарните хард рокери „Дип парпл“ ги отфрлија шпекулациите за повлекување, така што најавија дека оваа година ќе снимаат нов албум.

Две години откако тргнаа на турнеја насловена „Долго збогум“, гитаристот Стив Морз потврди дека влегуваат во студио во текот на оваа година, за да го прават својот 21. албум.

„Почнувам со работа на два албуми, од кои и на ‘Дип парпл‘. И знам дека следуваат нови настапи со ‘Дип парпл‘, само што засега датумите не се потврдени“, изјави Морз.

Пејачот Ијан Гилан минатата година изјави дека бендот полека се движи кон свое пензионирање, но и дека им е останато уште време.

„Блиску сме до крајот, можеби две, три, четири години. Кој знае? Но, блиску сме“, кажа тогаш Гилан.

Последниот албум на бендот кој пред 50 години почна да го дефинира хард звукот излезе во 2017.