МАЧКАТА НА ЛАГЕРФЕЛД МОЖЕ ДА НАСЛЕДИ ДЕЛ ОД НЕГОВОТО БОГАТСТВО ОД 150 МИЛИОНИ ФУНТИ

Париз, (Гардијан)

Мачката Шупет, седумгодишниот миленик на Карл Лагерфелд, би можела да стане наследник на дел од неговото богатство од 150 милиони фунти, објави францускиот весник „Л‘Фигаро“, што е можно според германските закони. И самиот Лагерфелд, кој почина вчера на 85 години, го најави ова лани.

„Меѓу другите, да, и таа би можела да добие дел од наследството. Но, не грижете се, има доволно за сите“, кажа кралот на модата во интервјуто за магазинот „Нумеро“.

Ова не е никакво изненадување, имајќи предвид дека јавноста беше доста запозната со животот и навиките на Шупет. Таа се буди секој ден во 6.30 часот, се четка шест пати на ден и очите ѝ се чистат со „окрил“. Не е вегетаријанка, пие само прочистена вода, на располагање има телохранител, личен готвач и две помошнички, одвреме-навреме вежба мачја јога, а има и свој „ајпед“.

Шупет има заработено и лично богатство од три милиони долари, учествувајќи во две кампањи во 2014 година, за јапонски козметички бренд и за календар на една автокомпанија.

Лагерфелд, кој нема деца, кажа дека веднаш се вљубил во Шупет откако ја добил во 2012 година од францускиот модел Баптист Жијабикони.