АВСТРАЛИЈА ДОЗВОЛИ ПЕРСОНАЛИЗИРАНИ ТАБЛИЧКИ СО ЕМОЏИ

Канбера, (ДПА)

Австралија стана првата земја на светот во која возачите можат да ги персонализираат табличките на автомобилите со емоџи. Ваква можност ќе имаат сопствениците на автомобилите во државата Квинсленд од 1 март.

За почеток, тие ќе можат да одберат од пет типови на дигитални икони, меѓу кои со очила за сонце или со намигнување, соопшти Одделот за транспорт на Квинсленд. Иако ќе бидат поставени на официјалните таблички, иконите ќе служат само за декорација и нема да бидат дел од стандардната процедура за регистрација. Ваква табличка ќе чини 475 австралиски долари (340 американски долари).

„Емоџите се навистина популарен начин на кој луѓето ги изразуваат нивните чувства на социјалните мрежи. Зошто да не им дадеме можност да ги стават и на табличката“, вели Тејлор Клифорд од фирмата која ги произведува персонализираните таблички.