Рами Малек ноќеска испиша историја станувајќи прв актер со арапско потекло кој добил оскар за најдобра улога, но тоа беше и очекувано, откако „Боемска рапсодија“ ја освои публиката низ цел свет и ја доближи музиката на „Квин“ на новите генерации.
Сепак, тоа е улога што Малек за малку никогаш немаше да ја одигра. Саша Барон Коен оригинално требаше да биде Фреди Меркјури, но отпадна поради несогласувања со членовите на „Квин“, кои го продуцираа проектот. Гитаристот Брајан Меј потоа го преферираше Бен Вишо, пред Малек да влезе во игра.
„Тоа беше момент како да ви прислонуваат пиштол на глава. Што да направите? Најстрашната авантура што ја избрав во животот се претвори во нешто најисполнувачко“, вели Малек.
Неговиот подем кон оскаровската слава беше метеорски. Пред „Боемска рапсодија“, тој беше најпознат по главната улога во хит-серијата „Господинот Робот“, која му донесе Еми и номинација за Златен глобус. Пред тоа, неговата кариера беше незабележителна.
Роден во Лос Анџелес во семејство на имигранти од Каиро, Малек за себе вели дека не е ни пејач, ни музичар, ни танчар, па за да се подготви за улогата на еден од најдобрите фронтмени во историјата на музиката, тој напорно работел на свои движења, како и со вокален тренер.
„Кој навистина би сакал да го слуша мојот глас покрај оној на Фреди? Веднаш сфатив дека никој не може да пее како него, најмалку јас. Беше навистина тешко да го навикнам мојот глас на така високи тонови и тој во еден момент ми пукна“, се присети Малек.
„Господинот Робот“ завршува со претстојната четврта сезона, а потоа Малек е слободен да го покори Холивуд.