„Ферари“ ќе го објави наследникот на „488 ГТБ“ на Автосаемот во Женева следната недела, ветувајќи дека „Ф8 трибуто“ ќе биде полесен (само 1.330 килограми), далеку помоќен и аеродинамички поефикасен. Тој, исто така, ќе содржи понапреден систем за контрола на стабилноста, со што полесно ќе можат целосно да се експлоатираат моќта и капацитетот на автомобилот.
„Трибуто“ доаѓа и со најсилниот мотор на компанијата досега: 3.9 В8 твин турбо е еволуирана верзија на моторот на „488“ и тој ќе може да развие 710 коњски сили, 49 повеќе од претходникот. Со ваква моќ, „трибуто“ без проблеми ќе може да го предизвика „мекларен 720С“.
„Ферари“ се пофали дека „трибуто“ ќе забрзува до 100 километри на час за само 2,9 секунди, а до 200 км/ч ќе му требаат 7,8 секунди. Тој максимално ќе може да развие 340 километри на час.