БРИТАНСКА КОМПАНИЈА ПРАВИ ПАТИШТА ОД ПЛАСТИЧЕН ОТПАД

Лондон, (Би-Би-Си)

Компанија која користи пластичен отпад за правење патишта ја отвори својата прва фабрика во Шкотска. Фабриката на „Мекребур“ ќе го собира ѓубрето што инаку би завршило на депонија и ќе го искористи во производството на асфалт.

„Отворањето на нашата прва фабрика е важен чекор“, изјави извршниот шеф на „Мекребур“, Тоби Макартни, додавајќи дека компанијата ќе помогне да се решат два големи проблеми: пластичен отпад и дупки на патиштата.

За да се асфалтира еден километар пат со материјалот на компанијата потребни се 684.000 пластични шишиња, односно 1,8 милиони еднократни пластични кеси.

„Мекребур“ веќе има правено патишта низ светот користејќи пластичен отпад од компании.

„Поради пластиката што ја користиме, нашите патишта се пофлексибилни и иако изгледаат исто како и сите други патишта, тие се одликуваат со поголеми сила и издржливост. А, кога ќе му измине рокот, патот повторно ќе може да се рециклира“, додаде Макартни.